Момчето кое на 3. мај го изврши страотниот масакр во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград, денес пред Вишото обвинителство во главниот град на Србија треба да даде исказ како му го одзел оружјето на татко му со кое уби деветмина негови врсници и училишен чувар.
„Момчето е под постојан докторски надзор во установата и денес е изведено да даде исказ во обвинителството во рамки на истрагата што се води против неговиот татко поради сомнение дека сторил тешко кривично дело против општата безбедност“, открил добро упатен извор за српскиот весник Курир.
Изворот за весникот кажал дека таткото се обвинува дека не го обезбедил соодветно оружјето што го имал во куќата и дека момчето го зело и убил десет луѓе на кобниот ден.
„Момчето е важен сведок бидејќи само тој може да објасни како го отклучил сефот и го зел оружјето“, открил соговорникот на Курир.
Неговиот татко, да потсетиме, е уапсен истиот ден, а момчето кое го извршило кривичното дело не одговара кривично бидејќи е помладо од 14 години.
„Таткото се уште е во притвор и тој има право да присуствува на сослушувањето на сведокот, како и мајката, која се уште е негов законски старател и која потпишала согласност тој да биде сместен во институција. На распитот можат да присуствуваат и оштетените, односно семејствата на убиените, како и нивните претставници. На рочиштето покрај обвинителот што ја води постапката, присутни се и адвокатите на неговиот татко“, објаснува соговорникот на српски Курир.