Моника Зајкова: “Усвоивме програмски правци и либерални решенија за секој граѓанин“

Храбра визија за просперитетна, правична и одржлива иднина како програмски правци со либерални мерки и решенија кои се однесуваат на секој граѓани, беа усвоени викендов во Охрид од страна на членовите на Извршниот одбор на Либерално-Демократската партија, а кои ќе бидат презентирани на претстојната Тематска конференција која ќе се одржи на 16-ти септември во Македонскиот народен театар. 

-Нашите приоритети се и секогаш ќе бидат образованието, економијата, човековите права, борбата со корупцијата и реформите во правосудство, животната средина, безбедноста, здравството, социјалната заштита, спортот. Нудиме нови либерални мерки, но и остануваме доследни на досегашните заложби, со цел да градиме не само по просперитетно, туку и прогресивно, правично и еднакво општество, истакна претседателката на ЛДП, Моника Зајкова.

Таа потсети дека образованието од најрана возраст и силниот образовен систем е основата на една просперитетна демократија и токму затоа се потребни реформи кои ќе значат градење на здрави и квалитетни генерации кои ќе ја движат Македонија напред, а не демотивирачки систем кој ги тера својата иднина да ја бараат во европските земји и САД.

-Во здравството гледаме голем број неправди кон пациентите, намалување на медицинскиот персонал, а со тоа и се полоши здравствени услуги. Токму затоа нашата цел е да обезбедиме пристапна и висококвалитетна здравствена заштита, но и реорганизација на организационата поставеност, рече Зајкова.

Таа додаде дека иницијативите на ЛДП поврзани со урбанизмот ќе имаат приоритет на одржлив развој предводен од заедницата. Почитување на човековите права и еднаквост се темелот за среќно и прогресивно општество кое нуди можности за сите.

-Без силен правосуден систем, ослободен од политички влијанија нема напредок, ниту држава, затоа се неопходни мерки кои ќе значат реформирање на правосудниот систем. Спортот и културата е темелот на здраво општествено ткиво. Еколошката одржливост ќе биде проткаена во секоја одлука што ја носиме, чувајќи ја нашата планета за идните генерации. Крајно време е да креираме политики што ќе значат целосна реформа на системот и градење на просперитетна држава со среќни граѓани, заклучи Зајкова.

СООПШТЕНИЕ – Либерално-демократската партија

ЛДПМакедонијаполитика