Министерството за образование и наука и Владата ќе им помогнат на студентите од подрачја погодени од катастрофалните земјотреси во Турција кои студираат на универзитетите во нашата земја, со цел полесно да го надминат тешкиот период во кој се наоѓаат, поради огромните човечки и материјални загуби во своите родни места.
„Веќе им понудивме привремено бесплатно сместување и исхрана во државните студентски домови, како и правна помош која воедно тие и самите ја побараа“, изјави министерот за образование и наука Јетон Шаќири при посетата на Меѓународниот балкански универзитет, каде во моментов студираат 100-ина турски државјани.
Како што соопшти МОН, министерот на сопствена иницијатива го посетил овој Универзитет за да се сретне со студенти кои доаѓаат од погодените реони во Турција.
„Многу од овие студенти загубија членови на своите семејства, ги загубија домовите, а некои загубија буквално сè и потребна им е поддршка. Дојдов да поразговарам со нив, да ги слушнам нивните потреби и секако да ги известам што ние како Министерство можеме да понудиме, за да се ублажи ситуацијата во која се наоѓаат“, истакна Шаќири.
Според информациите кои министерот ги добил од студентите, тие најчесто имаат потреба од дополнителни финансии за намалување на секојдневните трошоци кои, како што рече, нивната потпора во родните места не е во можност да ги поддржи и покрие во моментот. Во таа насока, веднаш им е предложено бесплатно сместување и исхрана во државните студентски домови.
Шаќири потенцираше дека на студентите им е понудена и правна поддршка, согласно капацитетите на Министерството, така што секој студент може да се обрати до МОН и да дојде во просториите на правната служба за консултации.
„МОН ќе поднесе и иницијатива до Владата за обезбедување еднократна парична поддршка за секој студент од погодените подрачја, но дополнително ќе ги известиме студентите и јавноста за одлуката, бидејќи за овие фискални импликации се консултираат повеќе страни и институции“, кажа министерот.
Со Турција и турскиот народ, истакна Шаќири, остануваме пријатели и ќе продолжиме да си помагаме секогаш кога ќе има потреба, во добро и во вонредни состојби каква што е оваа.
„Затоа што само така ќе ја ублажиме болката и ќе им помогнеме на оние најпогодените да излезат посилни од целата оваа ситуација“, потенцираше Шаќири.
Министерство за образование и наука соопшти дека има околу 200 турски студенти само во Скопје и во Штип, кои доаѓаат од погодените подрачја и дел од нив веќе побарале одредена помош од факултетите каде што студираат.