Министерството за образование и наука информира дека во соработка со пратениците во Собранието се работи на унапредување на законското решение за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк.
„Меѓудругото, тоа подразбира и зголемување на дневниот паричен надоместок. Предлог измените на законот за новото системско решение се во собраниска процедура и по нивно усвојување, исплатата ќе продолжи редовно, а студентите кои го остваруваат ова право, на своите трансакциски сметки ќе го добиваат зголемениот износ“, соопшти МОН.
Министерството додава и дека дава поддршка за побрзо донесување на законските измени и дека во меѓувреме ги прави сите потребни подготовки, односно собирање на потребните информации од надлежните институции за брза исплата на средствата, веднаш по стапување во сила на измените на законот.