Учебниците за шесто одделение што се веќе одобрени од Националната комисија за учебници и имаат добиено ЦИП запис, веќе се печатат и испорачуваат до училиштата. Задолжените за испорака се максимално одговорни и ангажирани, во договорот со училишните раководства, ќе испорачуваат учебници и во текот на овој викенд, соопштија од Министерството за образование и наука (МОН).
- Учебниците по албански јазик и природни науки на македонски јазик за шесто одделение за кои по одобрувањето од Националната комисија за учебници, добиен е ЦИП запис на 27, односно 29 септември, додека договорите со авторите се потпишани на 2 октомври, се влезени во процес на печатење и испорака. Учебниците пак по македонски јазик и природни науки на албански јазик добија ЦИП запис на 4 октомври, додека договори со авторите се склучени денес и веднаш се предадени на одбраниот економски оператор за графичко уредување, печатење, по што дистрибуцијата ќе се спроведе во текот на следната недела, се наведува во соопштението на МОН.
За учебникот по математика, како што додаваат оттаму, денеска е потпишан договор со авторите.
МОН потсетува дека согласно планот за реформирање на основното образование, во новата учебна година, нови наставни програми се изработени за трето и шесто одделение и врз основа на истите, учениците добиваат и нови учебници. Учебниците за трето одделение се целосно испорачани минатиот месец.
- Состојбата со учебниците годинава е значително подобрена, МОН испорача тираж од речиси 1,4 милиони учебници во основните, но, исто така и во средните училишта, за кои, за првпат по 15 години се изработија нови 150-тина наслови на учебници, се додава во соопштението.