– Министерството за образование и наука информира дека до средината на март сите корисници на ученички и студентски стипендии и субвенциониран студентски оброк ќе ги добијат средствата кои им следуваат заклучно со овој месец.
Како што соопштија денеска од МОН, постојните корисници на ученички и студентски стипендии, кои ова право го оствариле во некоја од претходните учебни, односно академски години, ги имаат добиено средствата заклучно со јануари годинава, така што преостанува да се реализира исплатата за месеците февруари и март, за што постапката е во тек.
– Новите стипендисти пак, кои правото на ученичка стипендија го оствариле во тековната 2022-2023 година, ќе добијат средства за 7 месеци, додека новите корисници на студентска стипендија ќе добијат 6 месечни стипендии одеднаш. Во моментов, во тек е потпишувањето на примероците од договорите за секој стипендист, што е основ за исплата на средствата, откако претходно се усвоија програмите за ученички и за студентски стандард, се наведува во соопштението.
Потсетуваат дека на иницијатива на Министерството за образование и наука, корисниците на ученички и студентски стипендии кои се стекнале со ова право во некоја од изминатите учебни, односно академски години и имаат активни договори за користење на стипендијата, од оваа година ќе добиваат зголемен месечен износ, идентичен на износот кој го добиваат новите стипендисти. За да го остварат правото на зголемен месечен износ на стипендија, треба да достават пополнет и потпишан анекс на договорот (во три примероци) за соодветната стипендија, кој можат да го симнат од следниот линк.
Од МОН информираат и дека над 29.000 студенти веќе добија по 2.520 денари за субвенциониран студентски оброк за месец јануари, додека за февруари исплатата ќе се реализира следната недела.
Во тек е и разгледување на новите поднесени апликации, а предизвик на комисијата која ги разгледува, наведуваат, се честите невалидни трансакциски сметки и погрешно наведени матични броеви што ја отежнува работата и со тоа се одложува и исплатата.