Мосад во средината на Иран: Израел изградил тајна база во близина на Техеран и ја онеспособил воздушната одбрана на Иран одвнатре

Припадници на израелската разузнавачка служба Мосад извршија низа тајни операции на територијата на Иран пред најновите израелски воздушни напади, потврди за Ројтерс висок безбедносен извор.

Според информации од израелски извори, командосите на Мосад, во тесна координација со израелската армија (ИДФ), успеале да изградат база за беспилотни летала во близина на Техеран. Беспилотните летала од таа база биле користени во текот на ноќта за уништување на иранските ракетни лансери насочени кон Израел.

Операциите вклучуваа шверц на софистицирани системи за оружје во Иран, како и поставување на прецизни водени ракети во близина на иранските системи за воздушна одбрана. Овие потези им овозможија на израелските авиони да добијат воздушна супериорност над иранското небо.

Извор од безбедносните структури нагласи дека операциите се резултат на долгогодишни подготовки од страна на израелската држава, со „револуционерно размислување, смело планирање и хируршки прецизна употреба на напредни технологии, специјални единици и агенти кои дејствувале во самото срце на Иран, целосно избегнувајќи го вниманието на локалните разузнавачки служби“.

Оваа информација доаѓа откако израелските сили извршија напади врз цели во Иран рано утрово, како дел од поширокиот одговор на заканите за националната безбедност на Израел.