– Москва денес потврди дека севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун ќе ја посети Русија „во наредните денови“.
„На покана на претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, претседавачот со државните работи на Демократска Народна Република Кореја, Ким Џонг-ун, во наредните денови ќе престојува во официјална посета на Руската Федерација“, соопшти Кремљ.
Веста доаѓа по неколку дена откако Белата куќа наведе дека тајните разговори меѓу Русија и Северна Кореја за снабдување на Кремљ со муниција за воените дејства во Украина „активно напредуваат“. Минатата недела „Њујорк тајмс“ објави дека Ким ќе патува со воз до рускиот град на Далечниот Исток, Владивосток, за да разговара за потенцијален договор за оружје.
Претходно, денес, неименуван јужнокорејски официјален претставник за сеулската новинска агенција „Јонхап“ изјави дека се верува дека специјален севернокорејски воз го превезува Ким за Русија.
Засилени безбедносни мерки се воведени денес околу железничката станица во Владивосток, откако јужнокорејските власти објавија дека „се верува“ дека Ким отпатувал за Русија.
Се верува дека Ким ќе присуствува на годинешниот Источен економски форум што се одржува во Владивосток и ќе трае до среда.
Севернокорејскиот лидер последен пат ја посети Русија во 2019 година.