Најмалку седум лица, од кои три деца, загинаа во пожарот што избувна како последица на синоќешниот руски напад врз Харков, соопштија украинските власти.
– За жал, бројот на загинати во нападите на Харков се зголеми на седум. Меѓу нив има и три деца на возраст од седум, четири години и шест месеци – напиша на Телеграм Олех Синехубов, шеф на регионот Харков.
Украинските власти претходно објавија дека руските беспилотни летала удриле во бензинска пумпа во текот на ноќта, а како резултат на овој удар излеало запалено гориво и пожарот се проширил на 14 станбени згради на површина од 3.700 метри квадратни, пренесува Униан.
Во моментов пожарите се гаснат и се утврдува бројот на жртвите, јавуваат украинските медиуми.
Украинското воздухопловство утринава соопшти дека руските сили лансирале 31 беспилотно летало „Шахед-136/131“ кон Украина, од кои 23 биле уништени.
Мета биле регионите Харков и Одеса, а четири лица се повредени во нападот на регионот Одеса, според Униан.