Благодарение на многубројните и често полни магацини низ Европа, штом Џо Бајден го потпише законот со кој се одобрува нов пакет помош за Киев, првите пратки со оружје и муниција можат веднаш да отидат на украинската граница.
Приоритет секако ќе бидат проектилите за хаубици од 155 милиметри и друга артилериска муниција и противвоздушна одбрана. Бројни бази и магацини во Германија, Полска и други сојузнички земји истовремено и’ помагаат на Украина да ги одржува оружените системи и да ги обучи војниците да управуваат со нив.
Германија, на пример, формираше центар за одржување на тенковите Леопард 2 во Полска, недалеку од украинската граница. Таквиот систем овозможува многу побрзо враќање на сервисираното оружје во борба.
Ако пакетот од 61 милијарда долари се подели на делови, 23,2 милијарди долари ќе одат за надополнување на залихите на оружје на Америка. Со други зборови, всушност станува збор за набавка на оружје и муниција за замена на средствата кои претходно биле префрлени во Украина, што не мора да значи дека овие нови капацитети нема да бидат испратени во Киев во догледно време.
За одржување и проширување на американските воени операции во регионот – што вклучува обука на украински војници – се издвојуваат 11,3 милијарди долари, а 13,8 милијарди долари се наменети за набавка на нови модерни системи за оружје. Пентагон треба да потпише договори со американски одбранбени компании за снабдување на Киев со ново оружје и опрема.
Посебна одредба
Нешто повеќе од 13,4 милијарди долари може да се искористат за замена и поправка на оружјето претходно пренесено во Украина и за финансирање обука за Украинците. Надвор од пакетот од 61 милијарда долари, програмата за воено финансирање на странство предвидува грантови од 1,6 милијарди долари за купување оружје од производителите, а Пентагон ќе биде овластен да испорача до 7,8 милијарди долари постојно оружје од своите залихи.
Посебна одредба од нацрт-законот предвидува администрацијата на Џо Бајден „што е можно поскоро“ да ги пренесе ракетите со долг дострел ATACMS во Украина .
Сепак, американскиот претседател може да ја одложи таа одлука доколку тоа „ќе им наштети на националните безбедносни интереси на САД“, бидејќи тоа што овие ракети имаат дострел од 300 километри досега беше предмет на спор, па Американците бараат гаранции од Украинците дека нема да ја таргетираат Русија.
Според непотврдени извештаи, позицијата на САД за ATACMS сега е прилично релаксирана со оглед на тоа дека Украина е во многу тешка позиција и има потреба од секаква можна помош.
Помош за украинската економија
Пакетот вклучува и помош за украинската економија. Предлогот предвидува доделување заем од 7,85 милијарди долари до 30 септември 2025 година, но на Украина и’ се забранува да ги троши парите за исплата на пензии. По ноември 2024 година, американскиот претседател ќе може да отпише 50 отсто од тој долг, а од 1 јануари 2026 година и целиот долг доколку Конгресот го поддржи.
Што се однесува до Израел, од 26 милијарди долари, четири милијарди ќе одат за надополнување на израелските залихи на ракетни одбранбени системи Железна купола. Од околу 8 милијарди долари за Индо-Пацификот, Тајван треба да добие 3,3 милијарди долари за изградба на подморници и подморска инфраструктура и 1,9 милијарди долари за полнење гориво во американските магацини од кои веќе е префрлено различно оружје на Тајван и другите сојузници во регионот.