– Министерството за одбрана попладнево преку соопштение информираше дека со денешното донесување на Законот за вработените во одбраната првпат се создава систем за управување со човечки ресурси согласно највисоките стандарди на НАТО.
– Новото законско решение предвидува зголемен стандард на службениците во одбраната, унапредувања според МЕРИТ системот, создавање на услови за развој на персонал кој ќе работи на НАТО позиции, менување на статусот на вработените од кои еден дел ќе бидат и овластени службени лица, како и можности за вработување, но и стипендирање на кадри кои за одбраната претставуваат критична специјалност. Согласно новиот Закон, статусот на вработените се подобрува и преку зголемениот пензиски стаж, како и заминувањето во пензија со 80 проценти од десетте најповолни години од пензискиот стаж. Предвидена е и можност за вработување без јавен оглас за лица со попреченост. Со одредбите на Законот се внимава и на финансиската стабилност на семејствата на вработените, преку отворање на можност за вработување без јавен оглас за невработен член на семејството на починат вработен во Министерството и припадник на безбедносните сили, посочува Министерството за одбрана.
Законското решение, како што информира ресорното Министерство, е изработено со претставници на академската заедница, познавачи на одбраната, како и со претставници на репрезентативниот синдикат и останатите синдикалните организации во одбраната.
Законот за вработените во одбраната е донесен попладнево во рамки на 145. пленарна седница.