Муртезани-Дворжак: Заедничка визија за интегриран европски регион

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денес во Прага одржа работен состанок со министерот за европски прашања на Чешката Република, Мартин Дворжак. За време на разговорите беше нагласена блиската и пријателска соработка меѓу двете земји и беше потврдена стратешката определба за продлабочување на билатералните односи и интензивирање на соработката во рамките на европските интеграции.

Министерот Дворжак изрази благодарност за континуираниот напредок на Северна Македонија во процесот на евроинтеграција, нагласувајќи ја важноста од спроведувањето на реформите како основа за пристапни преговори за членство во Унијата.

Како што е наведено во соопштението, министерот Муртезани изрази благодарност за гласната и доследна поддршка на Чешката Република за политиката на проширување, нагласувајќи ја нејзината улога како принципиелен и сигурен партнер во овој стратешки процес.

„Тој нагласи дека европската интеграција останува стратешки приоритет за Северна Македонија, каде што трансферот на чешко искуство и институционална експертиза во областа на пристапните преговори и користењето на европските фондови претставува важен извор за напредокот на националните капацитети. Муртезани и Дворжак оценија дека доследното спроведување на реформите не е само предуслов за напредокот на пристапните преговори во Унијата, туку и суштински фактор за зајакнување на довербата и кредибилитетот на целиот процес на евроинтеграција.“

„На средбата беше истакната и важноста на развојот и техничката помош, како и досегашната плодна соработка преку инструментите IPA Twinning и TAIEX. Министерот Муртезани нагласи дека постојат важни можности за продлабочување на оваа соработка во повеќе сектори, вклучително и заеднички проекти во рамките на европските територијални програми, како што се Interreg Europe и Euro-Med. Министерот Дворжак нагласи дека Чешка е подготвена да го сподели своето искуство во областа на европските политики и да го поддржи институционалното зајакнување на Северна Македонија преку нови форми на партнерство.“

„Министрите Дворжак и Муртезани го поздравија успешното спроведување на неколку важни проекти поддржани од Амбасадата на Чешката Република во Република Северна Македонија, насочени кон подобрување на условите во образованието, со посебен акцент на децата со посебни потреби, како и поттикнување на локалниот развој преку уредување на пешачки и велосипедски патеки и поддршка на младински иницијативи. Во исто време, беше разгледана и можноста за проширување на билатералната развојна соработка во нови области од заемен интерес, вклучително и размена на експертиза и знаење релевантни за европската интеграција“, се наведува во соопштението.

На крајот од средбата, соговорниците се согласија да продолжат со редовниот политички дијалог и да ја унапредат економската, институционалната и развојната соработка, со заедничка визија за стабилен, просперитетен и интегриран европски регион.