Министерот за европски прашања на Северна Македонија, Орхан Муртезани, во рамки на работната посета на Грција, се сретна со заменик-претседателот на грчкиот парламент и претседател на Комисијата за европски прашања, Јоанис Плакиотакис.
На средбата беше истакната улогата на парламентарната дипломатија во унапредувањето на политичкиот дијалог и билатералните односи меѓу двете земји.
Се разговараше за можностите за зајакнување на комуникацијата меѓу парламентите на Северна Македонија и Грција, како дел од заедничките напори за градење поблиски добрососедски односи.
Во фокусот на разговорите беа евроинтеграциите на Северна Македонија и политиката на проширување на Европската унија. Министерот Муртезани ја истакна потребата од одржување на кредибилитетот на процесот за членство, особено во контекст на предизвиците со кои се соочува земјата на патот кон следната фаза од преговорите. Се разговараше и за Планот за раст на Западен Балкан, при што беше подвлечено значењето на економската конвергенција со ЕУ. Од македонска страна беше изразен интерес за продлабочување на соработката со Грција, особено во делот на инфраструктурното поврзување и енергетската безбедност.
Соговорниците разменија мислења и за билатералните процеси кои се во собраниска процедура, при што беше истакнато дека исполнувањето на преземените обврски е клучно за градење доверба и одржување на динамиката на соработката.
Двете страни се согласија дека конструктивниот пристап и инклузивниот политички дијалог остануваат суштински за натамошно зајакнување на партнерските односи.