Министерот за европски прашања и главен преговарач со Европската унија, Орхан Муртезани, нагласува дека Северна Македонија е свесна дека мора да се исполни условот за вклучување на Бугарите во Уставот, бидејќи тоа е едногласна одлука на сите земји-членки на ЕУ, но владата на земјата инсистира процесот на интеграција да биде попредвидлив и да не се отвораат други билатерални прашања, туку фокусот да биде ставен на реформите. Според Муртезани, тоа може да се надмине со дијалог со Софија, додека Брисел секако ќе најде начин да го спроведе. Муртезани најави наскоро средба на високо ниво меѓу Скопје и Софија.
„Нашето инсистирање е процесот на водење на преговорите и нивното завршување да биде попредвидлив. Имено, да немаме билатерални пречки кои ќе го попречат процесот на развивање на преговорите. Бидејќи преговарачкиот процес е дизајниран да ја подготви нашата земја за членство во ЕУ преку серија реформи, тој не е дизајниран да решава билатерални, па дури и историски прашања. Cите овие прашања само го оптоваруваат процесот и ја лишуваат Северна Македонија од напредок кон спроведување на реформите“, изјави Орхан Муртезани, министер за европски прашања.
Претседателката на државата Гордана Силјановска Давкова е оптимист дека ќе има деблокирање на евроинтеграцискиот процес на земјава, но, според неа, за ова мора да има добра волја и да се манифестира добрососедство.
„Да, гледам отклучување. Процесот, се разбира, не зависи само од нас, бидејќи покажавме невидена и нечуена соработка кога станува збор за нашите европски интеграции. Мислам дека треба да се разговара, да се преговара. Според моите сознанија, има напредок. Mислам дека е потребно време, она што е најважно е дека мора да има добра волја, да има манифестација на добро пријателство, а во добрососедство не можам да препознаам механизми како вето или слични закани“, рече Гордана Силјановска Давкова, претседател на РСМ.
И покрај оптимистичкиот дух на претставниците на земјава за евентуален договор за деблокирање на интегративните процеси, такви сигнали од Бугарија нема. Според Еуроактив, новата бугарска влада одбива повторно да преговара за омекнување на условите. Бугарија бара Северна Македонија да го исполни условот за вклучување на бугарското малцинство во Уставот и според нив, тоа е проблем на Скопје со Брисел, а не со Софија. Од ЕУ, пак, велат дека се зголемени дипломатските активности за изнаоѓање решение за придвижување на процесот, но потсетуваат дека заедно со уставните измени, земјата мора педантно да ги спроведува и реформите, особено во делот на владеењето на правото.