Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, денес изјави дека Владата води независна надворешна политика заснована на заштита на националните интереси и ја отфрли тезата дека земјата се движи кон таканаречениот „српски свет“.
„Ние сме македонски свет. Работиме на проширување на нашите надворешнополитички интереси“, рече Муцунски, одговарајќи на новинарско прашање на заедничката прес-конференција со мароканскиот министер за надворешни работи Насер Бурита.
Муцунски нагласи дека критиките доаѓаат од поранешни функционери на претходната влада, „чија карактеристика беше прифаќање на секое барање од нашите соседи“.
Тој го наведе поранешниот претседател Стево Пендаровски како пример, велејќи дека за време на неговиот петгодишен мандат имал девет средби со српскиот претседател Александар Вучиќ, повеќе од кој било друг светски лидер.
„Тие немаат легитимитет да ја критикуваат нашата надворешна политика. Граѓаните мора сами да одлучат дали веруваат во политиката на оваа влада или во онаа на претходната предводена од СДСМ и ДУИ“, додаде министерот.