„Скопје во моментов не е подготвено да ги направи уставните измени што ги бара Софија, освен ако не добие силни гаранции од Европската Унија дека ова ќе биде последното такво барање“, нагласува министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, во интервју за политичкото списание „Политико“, дадено за време на неговата посета на Брисел.
„Нашиот страв е: ако направиме уставни измени, што ќе се случи ако по шест месеци Бугарија се врати со барања поврзани со историјата, идентитетот или јазикот?“, нагласи Муцунски, осврнувајќи се на процесот на европска интеграција на земјата.
Тој нагласи дека Северна Македонија е подготвена и веќе работи на сите други потребни реформи, бидејќи тие не се само барање на Унијата, туку и потреба на општеството.
„Ако утре земјите-членки ни кажат дека треба да направиме повеќе во областа на владеењето на правото или доброто управување – ние го разбираме ова. И не само што го разбираме, туку го чувствуваме како наша обврска“, вели министерот Муцунски.
Во интервјуто, тој се осврна и на геополитичкиот контекст, нагласувајќи дека, иако ја разбира итноста на интеграцијата на Украина, тоа не треба да биде на сметка на Западен Балкан.
„Најбрзата и можеби најевтината инвестиција во европската стабилност е ЕУ што поскоро да ги отвори вратите за целиот регион. Не мислам дека селективното проширување е најдобрата опција“, рече Муцунски.
Тој потсети дека Северна Македонија го започнала својот европски пат заедно со Хрватска, но иако Хрватска денес е членка на Шенген зоната и го користи еврото, Република Северна Македонија сè уште не ги започнала преговорите за членство.
Министерот за надворешни работи изрази увереност дека проширувањето е сè уште можно.