Муцунски од Блед: „Нашата стабилност е европска стабилност, нашиот напредок е европски напредок“

– Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, на покана на министерката за надворешни работи на Словенија, Тања Фајон, утринава учествуваше и имаше обраќање на работен појадок со министрите за надворешни работи од Западен Балкан и специјалните пратеници за проширување на Европската Унија, одржан во рамките на Бледскиот стратешки форум.

Како што соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, во своето обраќање Муцунски ја истакнал клучната улога на регионалната стабилност и интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ, оценувајќи дека сегашните глобални кризи уште повеќе ја зголемуваат потребата од европска кохезија.

„Во свет на војни, безбедносни закани и економски шокови, Европската Унија и Западен Балкан имаат потреба еден од друг повеќе од кога било досега. Нашата стабилност е европска стабилност. Нашиот напредок е европски напредок“, нагласи министерот во обраќањето.

Тој истакна дека Северна Македонија останува посветена на европскиот пат и активно работи на реформите и имплементацијата на Планот за раст на ЕУ, посочувајќи дека процесот на проширување мора да биде заснован на заслуги и јасни критериуми.

„Проширувањето не смее да биде заложник на билатерални спорови или прашања на идентитет. Ако тоа се дозволи, се ризикува не само застој на една земја, туку и губење на кредибилитетот на целиот процес“, потенцира Муцунски.

Тој го нагласи значењето на регионалната соработка и ја поздрави улогата на специјалните пратеници на ЕУ, укажувајќи дека нивниот ангажман е клучен за одржување на вниманието кон регионот и поттикнување на практични решенија.

„Веруваме во дијалог, веруваме во компромис кога тој е фер и заемен – и пред сè, веруваме во визијата за обединета, стабилна и просперитетна Европа со Западен Балкан во нејзиното јадро“, рече Муцунски во обраќањето.