Планот А е полноправно членство во ЕУ и земјата нема да отстапи од тој план и нема дилема во врска со нашата посветеност на европскиот пат. Сепак, она што го очекуваме од Унијата е предвидливост, што значи дека билатералните прашања остануваат билатерални и ние не прифаќаме решение по секоја цена, изјави министерот за надворешни работи Тимо Муцунски на заедничката прес-конференција со неговата австриска колешка Беате Мајнл-Рајзингер.
Муцунски, како одговор на новинарско прашање во врска со пораките на претседателот на Советот на ЕУ, Антонио Коста, дека земјата треба да се фокусира на Планот А и дека, на средбата со претседателката Гордана Силјановска Давкова, рекол дека предлогот за уставни измени со одложено дејство е неприфатлив за бугарската страна, повтори дека нашата земја постојано ја докажува својата стратешка цел за полноправно членство во ЕУ со конкретни чекори.
„Ние сме првата земја во регионот што потпиша Партнерство за безбедност и одбрана со ЕУ, нешто што сега се покажува како многу важно во сегашниот контекст. Клучна земја според ставот на високите претставници на ЕУ во спроведувањето на Агендата за реформи, која е составен дел од Планот за раст. Значи, ние покажуваме во акција дека Планот А е полноправно членство во ЕУ“, рече Муцунски.