Муцунски: Секое одложување може сериозно да му наштети на кредибилитетот на ЕУ во регионот

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска учествуваше на состанокот на министрите за надворешни работи на Централноевропската иницијатива (ЦЕИ) во Тирана, што се одржа во рамките на албанското претседавање со иницијативата.

Во фокусот на средбата беше проширувањето на Европската унија во светло на новите геополитички околности и руската агресија кон Украина, чии последици се одразуваат и на регионалната и на глобалната безбедност и стабилност. Министрите ја потврдија улогата на ЦЕИ како важна платформа за ефикасно решавање на регионалните предизвици и зајакнување на соработката во областите од заеднички интерес.

Во својот говор Муцунски истакна дека регионалната соработка е клучен модел за унапредување на процесот на европска интеграција, кој е од суштинско значење за поддршка на мирот, безбедноста и економскиот развој на континентот. Тој нагласи дека одложувањето на процесот на проширување може сериозно да го наруши кредибилитетот на Европската унија во регионот.

„Стравот од уште еден потенцијално долг и непредвидлив процес само ја зголемува фрустрацијата на нашите граѓани. Со многу непознати за опсегот и времето на идните пристапувања, секое натамошно одложување би имало сериозно влијание врз кредибилитетот на ЕУ во регионот“, нагласи министерот Муцунски.

Министерот се осврна на улогата на ЦЕИ, важноста на регионалната соработка, силното партнерство во НАТО Алијансата и поддршката за Украина.