Немаме и не смееме да губиме време за поделби, затоа што политичката битка против СДСМ бара лидерство, единство, истрајност и одлучност. Ваква порака со поддршка и доверба за понатамошно водење на ВМРО ДПМНЕ упатена до претседателот на партијата Христијан Мицкоски, на својата фејсбук страна објави вториот човек на партијата, Тимчо Муцунски.
Тој истакна дека борбата против лошото владеење на СДСМ, корупцијата, лошата економска состојба и криминалот во кој тоне државата е можна само со силна ВМРО-ДПМНЕ која ќе настапува одлучно и единствено.
„Затоа што партијата не е еден поединец, ВМРО-ДПМНЕ е народот, членовите и сите граѓани на Македонија. ВМРО-ДПМНЕ е секој град, секое населено место и секоја општина од државата“, нагласи Муцунски.
Тој во својот фејсбук статус му даде поддршка на Мицкоски да ја води партијата на следните парламентарни избори, кога според него ќе победи ВМРО ДПМНЕ и ќе ја формира следната влада.
„Претседателот Христијан Мицкоски ја има целата поддршка и доверба од мене да ја предводи политичката партија која на следните парламентарни избори ќе освои најголем број пратеници и ќе ја формира иднината влада во Македонија. Нема и не смееме да губиме време за поделби, политичката битка против погубните политики на СДСМ бара лидерство, единство, истрајност и одлучност“, стои во фејсбук објава на Муцунски.