Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денес објави дека е зачуван статусот на Охридското Езеро како природно и културно светско наследство.
„Со задоволство ве известувам дека статусот на Охридското Езеро како природно и културно место на светското наследство е зачуван. Овој успех е резултат на активна, посветена и координирана дипломатија, во соработка со нашите партнери и пријатели од меѓународната заедница. Заедно покажавме дека кога постои јасна волја, координација и одговорен пристап – резултатите се неизбежни.“
Министерот нагласи дека од првиот ден, заедно со премиерот Христијан Мицкоски, активно се вклучени во процесот.
„Имавме интензивни дискусии, спроведовме дипломатски консултации и изградивме заеднички ставови со земјите-членки на Комитетот за светско наследство“, рече Муцунски.
Тој нагласи дека е потребно отворено да се нагласи дека ситуацијата што ја наследиле е резултат на долгогодишно занемарување, неодговорно управување и недостаток на суштински мерки од страна на претходната влада.
„Наместо превенција и одговорност, тие оставија проблем што бараше итни решенија. Нашиот пристап беше различен – не декларативен, туку посветен и фокусиран на резултати“, рече Муцунски.