Во рамките на Европската Унија гледаме обновен дух фокусиран на процесот на проширување, но она што треба да го видиме во пракса е затворање на јазот што јасно постои во овој момент помеѓу создадените очекувања и нивната реализација, изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, денес во Варшава.
„Она што можам да го кажам, претставувајќи ја мојата земја, е дека ќе бидеме посветени на реформите, ќе бидеме посветени на усогласување со законодавството на ЕУ, ќе бидеме посветени на Агендата за реформи што е составен дел од Планот за раст, но на крајот на краиштата, очекуваме Брисел, како и земјите-членки, да го исполнат многу јасното ветување што им беше дадено на Западниот Балкан пред многу, многу години“, рече Муцунски по пристигнувањето на неформалниот состанок на шефовите на дипломатиите на земјите-членки и земјите кандидати и потенцијални кандидати за членство во ЕУ, што се одржува во Варшава.
Муцунски нагласи дека посветеноста на проширувањето во пракса е неопходна, но дека мора да се заврши и процесот на билатерализација на процесот на пристапување на земјите од Западен Балкан од страна на многу земји-членки на ЕУ.
„Сè повеќе слушаме за јасна перспектива, која доаѓа и од новата Комисија и од земјите-членки, но сега е време не само за зборови, туку и за имплементација“, нагласи Муцунски.
Тој нагласи дека оваа година претставува важен јубилеј за нас, 20 години како земја-кандидат, што значи дека поминаа 20 години откако ги започнавме преговорите за членство.