Контролата на обвинението, чиј предмет е планирањето на убиството на Јован Вукотиќ, е закажана за 20 март. Прегледот на обвинителниот акт што Специјалното државно обвинителство го покрена против Петар Мујовиќ (23) од Никшиќ го закажа претседателката на советот на Вишиот суд, судијката Весна Ковачевиќ.
Да потсетиме, специјалното обвинителство поднесе обвинителен акт против Мујовиќ поради сомнение дека како член на кавачкиот клан на чело со Радоје Звицер се согласил да го убие водачот на спротивставениот шкаљарски клан Јован Вукотиќ.
Дешифрираните скај комуникации открија дека Мујовиќ по налог на Звицер и Слободан Кашчелан требало да го убие Вукотиќ на 31 јули 2020 година во Бар, на погребот на неговиот кум и водач на барската група Алан Кожар, кој беше ликвидиран седум дена претходно на Крф. За ликвидација требало да добие половина милион евра
– Вукотиќ беше ослободен од притвор три дена пред погребот на Кожар, поради недостиг на докази за обид за убиство на Милош Радоњиќ и Војин Ступар, кои се сметаат за членови на кавачката групата. Но, планот пропаднал затоа што Вукотиќ не присуствувал на погребот на кумот туку, како што стои во обвинението, останал во куќата на семејството Кожар каде изразил сочувство – се наведува во обвинението. Откако пропадна планот лидерот на шкаљарците да биде убиен на гробиштата, бил направен нов, Мујовиќ да пука во Вукотиќ за време на гласањето на парламентарните избори одржани во Црна Гора на 30 август 2020 година.
– Но, и овој план пропадна затоа што Вукотиќ не излезе да гласа – се додава.
Кавчаните, според обвинителството, не се откажале. Третиот план, Мујовиќ да пука во него пред зградата на полицијата во Котор од чешката „збројевка“ во октомври 2020 година, пропадна бидејќи Мујовиќ тогаш бил уапсен.
– На Мујовиќ потоа му ставија лисици на рацете бидејќи на полицаецот кој беше пред зградата на полицијата му беше сомнително неговото однесување. Иако пред инспекторите признал дека е вооружен и чекал да го убие Вукотиќ, Мујовиќ се бранел молчејќи пред обвинителот, а пред истражниот судија тврдел дека пиштолот го носел за своја безбедност – објави Побједа. Во јануари Мујовиќ беше осуден на пет месеци затвор за недозволено поседување оружје.
Една година подоцна, меѓу комуникациите што правосудните органи на Франција и ги доставиле на Црна Гора, биле пронајдени и комуникациите на Звицер, Кашчелан и Милан Вујотиќ, чија содржина го потврдува оригиналното признание на Мујовиќ.
Јован Вукотиќ, да потсетиме, е убиен на 8 септември минатата година во истанбулската населба Шишли. За организирање на злосторството е уапсен братучедот на Звицер, Радоје Живковиќ.