– Република Северна Македонија доби потврда за политиките што ги спроведува и во време на криза и го задржа кредитниот рејтинг ББ- со стабилен изглед, утврден од Агенцијата за кредитен рејтинг „Стандард и Пурс“. Кредитниот рејтинг ББ- со стабилен изглед земјава го има во континуитет и особено е значајно дека рејтингот не е променет и во време кога се соочуваше со здравствено-економска криза, како и ценовната и енергетска криза, посочуваат од Министерството за финансии (МФ).
Стабилниот изглед, според „Стандард и Пурс“, како што велат, ги рефлектира очекувањата дека проактивното креирање политики на Владата, како и умерените нивоа на државниот долг ќе ги неутрализира повеќекратните ризици кои произлегуваат од конфликтот во Украина.
-„Стандард и Пурс“, во извештајот нотира дека кризата ќе има влијание врз економскиот раст и во текот на оваа година, но очекувањата се дека на среден рок тој ќе се врати на трендот пред кризата. Двигатели на растот, според „Стандард и Пурс“, ќе останат силната приватна потрошувачка поддржана од приспособливата монетарна политика, растот на платите и дознаките од странство. Покрај потрошувачката, клучен двигател на растот, ќе бидат инвестициите, особено јавните инвестиции, како што се проектот за автопатот Коридор 8 и Коридор 10. Придонес врз економските перспективи на земјата се очекува и од придвижувањето на ЕУ пристапниот процес. Странските директни инвестиции се очекува да закрепнат, а инфлацијата и ценовните притисоци да се намалат, прецизираат од МФ.
„Стандард и Пурс“, како што посочуваат очекуваат фискалната консолидација да продолжи. Кризата во 2023 година ќе има се уште влијание, но сепак буџетскиот дефицит очекува да биде понизок во однос на 2022 година на ниво од 4,1 отсто, кое е пониско од владините проекции (4,6 отсто). Придонес кон напорите на земјата за фискална консолидација според Агенцијата ќе има новиот Закон за буџети кој предвидува фискални правила и формирање независен Фискален совет. Се нотира дека се очекува и стабилизирање на државниот долг на среден рок, а позитивни ефекти се очекуваат и од даночната реформа.
Агенцијата нотира дека е значајно да продолжат напорите за структурни реформи, зајакнување на институционалните капацитети при истовремена консолидација на одржливите фискални политики.
-Напорите за пристапување на нашата држава во ЕУ ќе придонесат за зајакнување на институционалната рамка. Кредитниот рејтинг на една земја го покажува степенот на ризик од инвестирање во неа, и е еден од клучните индикатори коишто потенцијалните инвеститори ги земаат предвид при носење на нивните одлуки, велат од МФ.