Нагло зголемување на температурата! ИЈЗ со препораки: Не излегувајте надвор непотребно

Со оглед на тоа што температурите во земјата се зголемуваат, Институтот за јавно здравје денес издаде препораки, во кои се повикува на почитување на мерките за заштита и нега во време на високи амбиентални температури.

Препораките се однесуваат особено на лица над 60 години, деца, бремени жени, хронично болни, лица со прекумерна тежина, лица со ментални нарушувања и лица кои примаат специфични терапии. Ризикот се зголемува и за оние кои работат или престојуваат на отворено во најжешките делови од денот.

Препораки од ИЈЗ

„Избегнувајте изложување на сонце (вклучително и работа на отворено) помеѓу 11:00 и 17:00 часот. Носете лесна, широка облека, како и заштитни очила и шапка со широк обод, во светла боја кога сте на сонце. Останете внатре во климатизирани простории. Доколку мора да бидете надвор во овој период, пронајдете можности почесто да се одмарате во сенка и избегнувајте директна сончева светлина. Пијте многу течности (не чекајте додека не почувствувате жед), по можност вода. Кога сте во паркирано возило, отворете го прозорецот за да овозможите вентилација. Целосно затворените возила се многу жешки. Не оставајте никого во возилото! Туширајте се со вода по потреба, алтернативно, ставете ладни облоги и држете ги нозете во ладна вода. Лицата со хронични заболувања, особено оние со кардиоваскуларни, невролошки и белодробни заболувања, треба да бидат особено дисциплинирани во следењето на овие препораки и во земањето на лековите како што е пропишано. За какви било промени во нивното здравје, треба да се консултираат со својот матичен лекар.“

Покрај препораките, Институтот за јавно здравје наведува дека доколку некој член од вашето семејство или некое лице на кое му помагате има топла и сува кожа, болки во стомакот и/или е во несвест, веднаш јавете се на 194 или 112.