Над 20 осомничени за пожарот во Кочани, 15 приведени, вклучени се поранешни функционери

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на прес-конференција соопшти дека во врска со синоќешниот пожар во Диско клубот „Пулс“ во Кочани, МВР и Јавното обвинителство осомничиле над 20 лица, од кои 15 се приведени во полициска станица. Тој откри дека дискотеката немала легална лиценца за работа, а истрагата укажува на мито и корупција, со вклученост на поранешни функционери од Министерството за економија и Дирекцијата за заштита и спасување.

Панче Тошковски: Истрага за пожарот и осомничени лица
Панче Тошковски ги соопшти првичните резултати од досегашната истрага за пожарот.

„МВР, во соработка со Јавното обвинителство, осомничи над 20 лица за пожарот во ноќниот клуб во Кочани, од кои 15 се приведени во полициска станица“, изјави Тошковски.

Тој потврди дека дискотеката работела нелегално.

„Фирмата немала легална лиценца за работа, а истрагата покажува поврзаност со мито и корупција“, додаде министерот, истакнувајќи дека во овој момент не може да открие повеѣе детали.

Тошковски нагласи дека одговорните ќе бидат санкционирани.

„Во овој случај, оние што се вклучени во нелегалното издавање лиценци имаат име и презиме, и тие ќе одговараат за своите постапки“, рече тој.

Статус на осомничените и приведените
Министерот откри дека дел од осомничените се починати или повредени.

„Дел од осомничените за предизвикувањето на овој кривично-правен настан се починати, а дел се во болница. Четири лица се обезбедени во болница, меѓу нив два члена на бендот, син на сопственик на дискотеката и управител на правното лице што ја менаџирало дискотеката“, соопшти Тошковски.

Тој додаде детали за приведените.

„Меѓу приведените во полициската станица се лица со директна вина за настанот, согласно собраните докази. Приведен е организаторот на настанот, за кој постои сомневање дека е еден од главните виновници, како и поранешен државен секретар на Министерството за економија, поранешен раководител на сектор во истото министерство, поранешен директор на Дирекцијата за заштита и спасување и тројца вработени во рамки на дирекцијата“, појасни министерот.

Дел од приведените се поврзани со организацијата.

„Во Кочани се приведени лица кои биле организатори на настанот, дел биле вклучени во обезбедувањето и други активности што се одвивале таа вечер“, додаде Тошковски.

Истрагата продолжува
Министерот потврди дека истрагата е во тек.

„Полициски службеници во Скопје разговараа со над 25 очевидци на настанот, а прибирањето докази ќе продолжи континуирано“, заклучи Тошковски.