– Повеќе од 30.000 Палестинци се убиени, а над 70.000 се ранети во смртоносната офанзива на Израел во Појасот Газа од 7 октомври досега, соопшти денес Министерството за здравство на палестинската енклава.
Портпаролот на Министерството за здравство на Палестина, Ашраф ал Кудра, соопшти дека во последните 24 часа се убиени најмалку 79 Палестинци во израелските напади на Газа.
Ал Кудра рече дека поголемиот дел од жртвите во Газа се жени и деца.
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилните населби, училишта, верски објекти и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7 октомври минатата година. Во овие напади досега се убиени над 30.000 Палестинци, а ранети се повеќе од 70.000 лица. Се претпоставува дека под урнатините се наоѓаат илјадници мртви.
По обвинението за геноцид што го поднесе Јужноафриканската Република, Меѓународниот суд на правдата на 26 јануари пресуди дека Израел мора да се воздржи од какви било активности поврзани со убивање, напади и уништување на жителите на Газа и да ги преземе сите мерки за да спречи геноцид.
Меѓутоа, израелските сили и понатаму продолжуваат со нападите врз Појасот Газа.
Според податоците на Обединетите нации, 85 % од населението на Појасот Газа е интерно раселено и се соочува со акутен недостаток на храна, чиста вода и лекарства, додека околу 60 % од инфраструктурата во Појасот Газа е оштетена или уништена.
Официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200, но, според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.
„Ханибалова директива“ или „Ханибалов протокол“ е контроверзна процедура што ја користат Израелските одбранбени сили (ИДФ) со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.