– Над 450.000 Израелци синоќа протестираа против контроверзниот план за судски реформи на новата влада на премиерот Бенјамин Нетанјаху.
Централниот протест се одржа во Тел Авив, каде се собраа повеќе од 230.000 лица, а се протестираше на вкупно 150 локации и покрај почетокот на преговорите со опозицијата за компромисно решение, јавуваат израелските медиуми.
Нетанјаху, под притисок на масовните протести и критики од странство, во понеделникот го запре законодавниот процес на реформи за да овозможи преговори со посредство на претседателот на Израел, Исак Херцог.
Организаторите на протестот, загрижени дека врз основа на планот, владејачката коалиција би можела брзо да добие контрола врз назначувањето судии, најавија дека протестите ќе продолжат до целосно напуштање на реформата, јавува Радио Слободна Европа.
Опозицискиот лидер Јаир Лапид испрати преговарачи да го разгледаат компромисниот пакет реформи.
Лапид се сомнева дека одлуката на Нетанјаху за суспензија на законодавниот процес на еден месец е само тактика за одложување.