Со мобилна апликација „Глас против корупција“ младите можат да пријавуваат корупција. На работилницата за младински ставови кон корупцијата се презентира истражувањето во кое биле опфатени млади луѓе од 16 до 26 години низ градовите Струмица, Скопје и Гостивар за тоа каква е нивната перцепција за корупцијата.
Од анкетираните над 50% би пријавиле корупција доколку постојат безбедни и доверливи механизми. Младите сакаат промени и бараат алатки и алтернативи за да дејствуваат.
Анализата е направена во средни училишта и факултети од три плански региона: Скопскиот, Полошкиот и Југоисточниот.
Младото население јасно ја идентификува корупцијата како системски проблем: најмалку доверба имаат во судството, политичките партии и администрацијата. Само 8 проценти веруваат во институциите за борбата против корупцијата, 69,6 отсто признале дека корупцијата ги демотивира и ја урива вербата во трудот и знаењето, додека пак 70 проценти сметаат дека темата за корупција речиси и не постои во наставата.