Од неделата (23 јуни) до вчера (26 јуни) пожарникарите од Тетово евидентирале 80 интервенции поврзани со последици и проблеми со кои се соочиле граѓаните поради невремето проследено со интензивен дожд, силен ветер и грмотевици. И вчера Тетово и околина беше погодено од невреме кое траеше од 17 часот па се до 1 часот по полноќ.
– Од недела до денес имавме повеќе од 80 интервенции, извлекување на заглавени во возилата, од куќите, испумпување вода од подрумите на колективните станбени куќи, градската болница, ослободување на подвозниците на влезовите излези од градот и чистење на блокираните патишта на влезот во тетовските села, изјави Авни Амети, командир на ТППЕ Тетово.
Денес градските улици се чистеа од калот, од страна на работниците на ЈКП „Тетово“. Низ дворовите и помалите улици граѓаните сами со свои можности отстрануваа последици од невремето.
– Овде е нормално кога малку ќе заврне водата да почне да извира. Стававме цигли за луѓето да можат да поминат. Имаше поплавени подруми. Кога се правеше улицата, имаше ставено големи цевки. Од знамето навака има ставено мали цевки. И затоа се јавува проблемот. Цевките се расипуваат затоа што извира вода, излегува многу нечиста вода, има разни ѓубриња, вели Насер Алии од улицата „Браќа Симовски“, позната како Чапкачоково сокаче.
За последиците од невремето зборуваше и тетовчанката Нада Блажевска.
– Страшно беше, како секоја непогода. Нема место каде што нема влезено вода. Еве и мојата куќа е над патот. повторно во визба ми влегува вода. Стручњаците за оваа работа, треба да знаат што треба да направат. Ние секогаш сме имале проблеми. Особено овој дел, езеро било, со чамци да се проаѓа. Сега малку е санирано, меѓутоа со овие непогоди, со поројни дождови, не знам што треба да се направи. Не само во Тетово и Тетовско. Селата се катастрофа, изјави Блажевска.
Тетовчанката Трпана Ѓорѓевска рече дека дождот не може да се запре, но некои работи треба да се средат. Таа се пожали дека ѓубрето не се собира и дека сами го изнесуваат со колички.
Поради невремето беа блокирани и неколку локални патни правци.