Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на прес-конференцијата истакна дека државните институции си ја завршиле работата во случајот со момчето кое го изврши нападот во училиштето „Владислав Рибникар“, со изнесување на личните податоци на малолетниците и состојбата од анализите на две здравствени установи за менталното здравје на жртвите и настраданите во масакарот.
Адвокатот Родољуб Шабиќ за српскиот веб-портал порталот N1 изјави дека е недозволиво таквите информации да се објавуваат во јавноста, како и дека сега на потег е обвинителството кое по службена должност треба да утврди кој му дал такви информации на Александар Вучиќ.
„Во случај на објавување на информации за здравствената состојба на кое било лице, важат два закони, Законот за заштита на личните податоци и Законот за правата на пациентите. Но, се поставува прашањето како Александар Вучиќ првенствено ги добил овие информации и во кое својство, бидејќи според Законот за правата на пациентите, оваа документација, освен на докторите, може да им биде достапна само на други лица врз основа на судска одлука“, објаснил адвокатот Родољуб Шабиќ.
Тој додава и дека родителите на жртвите можат да поднесат тужба поради обелоденувањето на овие информации, но дека Државното обвинителство треба да утврди кои се луѓето кои му ги дале документите на претставникот на извршната Власт.
„Докторот ги има овие податоци само во рамките утврдени со закон, а не да ги сподели, особено не со претставници на извршната Власт“, објаснил адвокатот за веб-порталот N1.
Исто така, објаснува Родољуб Шабиќ, неприфатливо е да се објават целото име и презиме на малолетниците, нивните датуми и години на раѓање, во случајов сторителот на повеќекратното убиство, што на прес-конференцијата го направи Веселин Милиќ, началникот на белградската полиција.
„Во многу побенигни ситуации нашата полиција често објавува само иницијали, дури и за возрасни. Се работи за малолетник, 13-годишник и не гледам причина да се открие не само неговото име, туку и нечие друго име, додека не биде осуден во некоја постапка“, заклучил адвокатот.