Високиот претставник на Европската унија за надворешна и безбедносна политика ги покани претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и премиерот на Косово, Албин Курти, на итен кризен состанок во четврток во Брисел, додека Александар Вучиќ вели дека доаѓа во Брисел, но дека не сака да се сретне со Албин Курти.
„Ги поканив лидерите на Србија и Косово на итен состанок со цел да се најде излез од актуелната криза. Мора веднаш да ја деескалираме ситуацијата, да одржиме нови избори на северот на Косово со учество на косовските Срби. Ова е од најголема важност за регионот и ЕУ“, напиша Жозеп Борел во објава на социјалната мрежа Твитер.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во четвртокот наутро најави дека ќе замине во Брисел и ќе разговара со Жозеп Борел, но дека нема за што да разговара со Албин Курти.
„Ќе одам во Брисел да разговарам еден час, два, десет, со Жозеп Борел, но немам што да разговарам со Албин Курти“, изјави тој за РТС.
Ситуацијата на северот на Косово е крајно напната во последните неколку недели.
Кон крајот на мај, локалните Срби се спротивставија на градоначалниците од етничките Албанци да стапат на должност откако на локалните избори во четири северни општини имаше само 3,4 отсто излезност бидејќи Србите, кои го сочинуваат мнозинството на север, ги бојкотираа.
Во судирите беа повредени 30 припадници на мировните сили (КФОР) и повеќе од 50 српски демонстранти.
Последниот инцидент се случи кога српските сили уапсија тројца косовски полицајци.
Србија тврди дека тие биле уапсени длабоко во нејзината територија, додека Приштина вели дека биле уапсени на 300 метри на територијата на Косово.