Пребројувањето на гласовите за претседателските и парламентарните избори во Турција е при крај.
Државната медиумска агенција Анадолија тврди дека се преброени речиси 86 отсто од гласовите и дека Реџеп Таип Ердоган сега има освоено 50 отсто од гласовите, а Кемал Киличдароглу 44,2 отсто од гласовите, додека третиот кандидат останал на 5,3 отсто.
Останатите медиуми во Турција јавуваат дека имаат податоци за повеќе од 92 отсто од преброените гласови, според кои Реџеп Таип Ердоган добил 48,9 отсто, а противкандидатот 45,5 отсто.
Новинарите кои известуваат од седиштето на АКП истакнуваат дека вториот круг сега е речиси загарантиран, но и дека тоа значи дека Турција има неизвесни две недели бидејќи е земја која не е навикната на ваков изборен исход.
Интересен коментар даде и политичкиот аналитичар Џенгиз Комар, кој за тамошните медиуми изјави дека досегашните резултати демантираат некои социолошки конструкции според кои 35 отсто од населението во Турција е религиозно, конзервативно и наклонето кон десницата, а 65 отсто е секуларно.
Во исчекување на пребројувањето на сите гласови на претседателските и парламентарните избори, неприкосновениот владетел на Турција – Реџеп Таип Ердоган со речиси стопроцентна сигурност ќе треба да се бори за власт во вториот круг, а после две децении власт, за прв пат има реална можност да биде симнат од „тронот“.