Првото коло заврши и веќе ја добивме најдобрата приказна на овогодинешниот Австралија Опен…
Тенисерот од Индија, Сумит Нагал (26) ја направи најголемата сензација на Австралија опен, бидејќи во првото коло го елиминира фаворизираниот Александар Бублик (6:4, 6:2, 7:6).
Момчето кое пред неколку месеци призна дека се бори за егзистенција, најголемиот триумф во кариерата му донесе добивка од 180.000 долари, па извесно време нема да се грижи дали ќе има доволно пари за да оди на турнирот, плати за сместување, тренери… .
Да потсетиме, Нагал во септември крена голема бура во тениската јавност, бидејќи јавно проговори за проблемите со кои се соочуваат послабо рангираните играчи.
„Кога ќе ја погледнам сметката во банка, исто како на почетокот на годината, имам 900 евра, некои ми помогнаа малку, имам месечна плата од индиска нафтена компанија, но немам големи спонзори“, рече тогаш Нагал и додаде:
„Вложувам сè што заработувам. Патувам со еден тренер, а немам физиотерапевт. Што и да заработам, инвестирам и чувствувам дека нема поддршка иако сум најдобриот индиски тенисер во последните неколку години.Јас сум единствениот Индиец кој се квалификувал на Грен слем и единствениот кој победил на Олимписките игри во последните неколку години.Кога мојот пласман падна поради повреда никој не сакаше да ми помогне и затоа јас сум разочаран многу. Тешко е да се добие финансиска помош во Индија и да бидам искрен, не знам што да правам. Се откажав“.
По големиот триумф во Мелбурн повторно си ја отвори душата:
“Сè е многу емотивно. Сега нема да плачам овде, но сè уште не сум свесен што сум направил. Понекогаш ќе биде добра, понекогаш лоша година. Минатата година беше една од најдобрите за мене, иако, како што кажав претходно, имав само 900 евра на сметката“, вели тенисерот од Индија и додава:
„Горд сум на себе што дури дојдов овде, особено знаејќи од каде почнав. Неверојатно е што ќе играм во второто коло“.
Нагал, кој моментално се наоѓа на 137. место на АТП-листата, сега има одлична можност да ја направи уште поголема и да заработи многу пари, бидејќи ќе игра со послабо рангираниот ривал, Кинезот Шанг, кој моментално е на 140. место во светот, во вториот круг.