Индиската мисија на Месечината е модел за земјите кои се стремат да развијат свои вселенски програми, изјави денеска индискиот премиер Нарендра Моди, честитајќи им на научниците за успехот.
„Чандрајан-3“, што на санскрит значи „месечинско летало“, слета на Месечината на 23. август, со што Индија стана првата земја што слета вселенско летало без екипаж во близина на главно неистражениот јужен пол на Месечината.
„Регионот што ќе го истражува нашата мисија ќе помогне да се отворат нови патишта за лунарни мисии од други земји“, изјави Моди на персоналот на мисијата во објектот на Индиската организација за истражување на вселената во Бангалор.
Според него, тоа не само што ќе ги открие мистериите на Месечината, туку и ќе помогне во решавањето на предизвиците на Земјата.
Индија е четвртата земја, по САД, Русија и Кина, која успешно имала мисија на слетување на Месечината.