Канцеларијата на Народниот правобранител на Северна Македонија по повод 26 јуни, Меѓународниот ден на поддршка на жртвите на тортура, го претстави годишниот извештај на Националниот превентивен механизам (НПМ).
Во извештајот се нагласува дека тимот на НПМ во текот на 2022 година извршил 19 ненајавени посети на полициски станици, психијатриски болници и центри на мигранти и баратели на азил.
Народниот правобранител Насер Зибери во изјавата за медиумите рече дека најголем дел од забелешките и препораките се повторуваат од претходната година, нагласувајќи дека заложбите на надлежните институции се повеќе декларативни.
Зборувајќи за посетите на психијатриските болници, Зибери рече дека се забележани лоши услови за престој и терапија, недостиг на активности и недоволен број на кадар.
Зибери зборуваше и за условите во казнено-поправните установи, при што рече дека не се почитуваат европските правила за затворите што предвидуваат најмалку 4 квадратни метри простор за затвореник.
Зборувајќи за затворот „Идризово“, најголемиот затвор во Северна Македонија, Зибери ги опиша условите како „нехумани и понижувачки“.
„На денот на посетата во таканареченото трето крило биле сместени 72 осуденика. При увидот било констатирано дека во една од собите со површина од 14,28 квадратни метри има дури 15 лица, што значи помалку од еден квадратен метар за еден сместен“, рече Зибери.
Презентирајќи фотографии направени од просториите, тој рече дека осудените биле принудени да спијат и на душеци ставени на под. Тој остро ги критикуваше и хигиенските и здравствените услови.
Зборувајќи за состојбата со мигрантите и барателите на азил, Зибери рече дека во 2022 година во Северна Македонија се регистрирани околу 19.300 лица со нерегуларен статус на престој.
Тој наведе дека голем број од овие лица се приведени од надлежните лица и депортирани од Северна Македонија, при што не се евидентирани во евиденцијата на уапсените и не се известени за нивните права.
„Наша препорака е да се запре ова искуство, така што секое лице, мигрант или барател на азил, да биде задржан во полициска станица, да му се дадат правни упатства за неговите права и на крајот да му се даде одлука зошто бил приведен, какво дело направил и колку долго ќе трае неговиот притвор“, рече Зибери.
Тој се пожали и на намалувањето на буџетот на НПМ од страна на надлежните органи, нагласувајќи дека тоа го доведува во прашање квалитетот на работата.
ТРТ БАЛКАН