Руски балистички ракети и беспилотни летала се испукани кон Украина од повеќе насоки, соопштија украинските воздухопловни сили во петок наутро преку Телеграм, како што објави Си-Ен-Ен.
Пожари предизвикани од паѓање на остатоци и напади со беспилотни летала беа пријавени низ Киев додека украинските сили се обидуваа да го одбијат рускиот напад, објави началникот на Воената администрација на градот Киев, Тимур Ткаченко. Продуцент на CNN со седиште во близина на Киев, исто така, известува за експлозии во градот.
Ткаченко ја обвини Русија за напади врз станбени области со дронови, велејќи дека е оштетена повеќекатна зграда во киевската област Соломијан.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, исто така, извести за пожарите во областите Голосејевски и Дарницки. Кличко рано утрово преку Телеграм објави дека е активирана воздушна одбрана во областа Оболон.
„Нападот врз главниот град продолжува. Останете во засолништата!“ , рече градоначалникот.
Рускиот ракетен напад доаѓа само неколку дена откако украинските безбедносни служби извршија серија смели и големи напади со беспилотни летала длабоко на руска територија, погодувајќи воздушни бази и оштетувајќи бројни руски воени авиони.
Во вторник, Украина го нападна и Керчкиот мост, единствената директна копнена врска на Русија со анектираниот Крим, користејќи 1.100 килограми експлозив поставен под вода.