Нова тендерска постапка за доизградба на Клиничката болница во Штип ќе биде објавена наскоро, а средствата за негово комплетирање ќе бидат обезбедени од државниот буџет. Веќе е покрената кривична постапка против грчката фирма „Интеркат“ која пред осум години почна да го гради објектот, посочи денес министерот за здравство, Фатмир Меџити, од Штип.
„Постапката ќе биде објавена многу брзо, мислам во февруари, за конечно, еднаш засекогаш да се заврши изградбата на болницата, затоа што моите колеги овде, кои се врвни лекари, треба да имаат подобри услови за работа, а пациентите ќе добиваат поквалитетни услуги. Ќе течат сите процедури, а на денот кога ќе го распишеме тендерот ќе го соопштиме и рокот за доизградба. Тој што ќе задоцни ќе мора да одговара. Покренавме кривична постапка со Државното правобранителство против фирмата што ја почна изградбата и таа ќе треба да се соочи на суд со нашите државни органи. Ќе бараме отштета зошто болницата не е изградена. Банкарската гаранција беше шест милиони евра, тие пари се во Министерството во склоп на проектната единица и тие ќе се искористат за доизградба на болницата. За довршување на градежните работи нема да се користат пари од кредити, туку од државниот буџет“, истакна Фатмир Меџити, при посетата на Клиничката болница во Штип.
Министерот за здравство информираше дека сè уште се чека извештајот од стручната комисија што тој ја формираше за испитување на случајот со починатата родилка од Делчево.
Укажа дека се работи за покомплициран случај, но наодите од увидот ќе бидат јавно објавени штом ќе бидат готови.
Посетата на штипската болница беше по повод набавка на нова медицинска опрема – лапараскопска и ендоскопска опрема, нов ултразвук колор доплер апарат со две сонди и цисто-уретроскопски сет.