Претседателскиот кандидат на Левица, Билјана Ванковска вечерва кампањата ја продолжи со митинг во Велес. Покрај неа, на митингот се обратија и претседателот на Левица и носител на листа на ИЕ1 Димитар Апасиев, како и носителот на листа на ИЕ3, Борислав Крмов.
„Голема возбуда е да се биде овде. Доаѓам од спомен куќата на Кочо Рацин, а овде туку што ги слушав и неговите стихови. Пред самиот почеток на овој митин додека си разговаравме со Димитар Апасиев тој рече „Нема револуција без поезија“. И вистина е така, а Велес е вистински пример за тоа“, рече Ванковска.
„Посакувам да го изодиме овој пат борбено, чесно и доследно. Она што нас не’ разликува од оние што трчаат на кратки патеки е тоа што ние трчаме маратон. Нас не’ не задоволува фотелја и позиција. Ние имаме кауза“, истакна Ванковска.
Од говорницата во Велес, Ванковска кажа дека во овој град доаѓа само еден ден по нејзиниот главен ривал Гордана Силјановска.
„Нејзиниот настап вчера го проследив со внимание. За момент помислив дека на Силјановска треба да и понудиме членска карта на Левица. Се повикува на Рацин, на Денови, на аргатски маки големи…, што мислиш дека се завртила на другата страна. Кој кого фолира и кој се обидува да го заведе народот ќе видиме за скоро време. Како може да зборувате за социјална држава и социјална правда, а пред вас во првите редови да седат најбогатите. Таа зборува за најсиромашните, а не го гледа лидерот на својата партија кој и обезбеди над 300 илјади евра за кампања“, рече Ванковска.
Таа откри дека за в недела е закажана дебата на претседателските кандидати на Македонската телевизија, но дека двајца не прифатиле да присуствуваат. Тоа се актуелниот претседател Стево Пендаровски и актуелниот министер за надворешни работи Бујар Османи.
„МРТ обезбеди соочување на кандидатите но нема да дојде врховниот командант на вооружените сили. Како можело таков кукавица да биде избран за врховен командант. Другиот што нема да дојде ќе бил во Сараево“, истакна Ванковска.