НАТО ГО ЗАЈАКНУВА ПРИСУСТВОТО НА КОСОВО – Првиот контингент од 200 војници пристигна денес

Првиот контингент од 200 британски војници денес пристигнаа во Косово како засилување на мировната мисија на силите на НАТО во Косово (КФОР), соопшти вечерва Алијансата. 

Во соопштението се наведува дека распоредувањето на дополнителните сили на КФОР доаѓа по нападот врз припадници на косовската полиција на 24. септември и зголемените тензии во регионот. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, дополнителните британски војници се од  првиот баталјон на Кралскиот полк на Принцезата од Велс, кои им се приклучија на контингентот од 400 припадници на Вооружените сили на Обединетото Кралство кои веќе се стационирани во Косово.  

Дополнително и романската Влада во вторникот соопшти дека ќе испрати уште околу 100 дополнителни свои војници во Косово за да ги зајакне силите на КФОР

Овие распоредувања претставуваат чекор на претпазливост за да се обезбеди дека КФОР ги има силите што му се потребни за да го исполни својот мандат даден од ОН за одржување на безбедна и сигурна средина и слобода на движење за сите луѓе во Косово. Распоредувањето се заснова на барање на Врховниот командант на НАТО за Европа и беше одобрено од сојузниците во Северноатлантскиот совет“, се додава во соопштението. 

Мировната мисија во Косово, предводена од НАТО, функционира од 1999 година согласно Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН. КФОР моментно се состои од над 4.500 војници од 27 земји членки и партнери на НАТО.

КосовоКФОРНАТО