Зајакнувањето на мировните сили на НАТО започна во Косово по минатонеделните немири на северот на земјата, соопшти во понеделникот Алијансата.
Насилството избувна откако косовските власти назначија градоначалници етнички Албанци на функции во северните општини, кои беа избрани со излезност од само 3,5 отсто, бидејќи мнозинството Срби во регионот ги бојкотираа локалните избори.
Во судирите беа повредени 30 припадници на мировните сили на НАТО познати како КФОР и 52 српски демонстранти.
„Околу 500 војници од турската 65-та механизирана пешадиска бригада ќе го сочинуваат најголемиот дел од засилувањата“, објави на социјалната мрежа Твитер портпаролката на НАТО, Оана Лунгеску.
Како одговор на кризата, НАТО одлучи да испрати дополнителни 700 мировници на Косово, со што ќе го засили својот контингент од 4.000 војници, а генералниот секретар на алијансата, Јенс Столтенберг, во четвртокот кажа дека е подготвен да испрати уште повеќе.
„НАТО ќе биде во состојба на готовност. Ќе бидеме таму за да обезбедиме безбедна средина, но и да се смириме и да ги намалиме тензиите“, изјави тој за новинарите за време на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Осло.
КФОР е основан по бунтот на мнозинството етнички Албанци против репресивната српска власт во 1998 и 1999 година. Косово беше меѓународно признаено во 2008 година, но Србија ја отфрла независноста на Косово, а Србите од северниот дел на земјата бараат автономија за нивниот регион според никогаш неприменетиот договор од 2012 година.