– НАТО денес остро ја осуди Русија поради наводното нарушување на естонскиот воздушен простор со три вооружени ловци МиГ-31, оценувајќи го инцидентот како дел од „пошироката шема на сè понеодговорното однесување на Русија“.
Северноатлантскиот совет се состана во Брисел на барање на Естонија откако се верува дека на 19 септември руските авиони престојувале во естонскиот воздушен простор повеќе од 10 минути. НАТО соопшти дека сојузничките авиони биле подигнати за пресретнување и придружба на руските ловци надвор од територијата.
„Ова е вторпат за две недели Северноатлантскиот совет да се состане во согласност со член 4“, се наведува во соопштението, потсетувајќи дека на 10 септември заседавале откако руски дронови го повредија воздушниот простор на Полска. Слични повреди неодамна пријавија и Финска, Латвија, Литванија, Норвешка и Романија.
„Русија сноси целосна одговорност за овие дејства, кои се ескалаторни, носат ризик од погрешна пресметка и ги загрозуваат животите. Тие мора веднаш да престанат“, нагласи Советот.
НАТО вети силен одговор, наведувајќи го неодамнешното активирање на операцијата „Истерн Сентри“ за зајакнување на источниот фронт, вклучително и мерки за воздушна одбрана. Алијансата потврди дека нејзината посветеност на член 5 останува „железна“ и најави продолжена поддршка за Украина во војната со Русија.
Член 5 од Договорот за НАТО го опфаќа принципот на колективна одбрана, што значи дека нападот врз една членка се смета за напад врз сите.
„Сојузниците нема да бидат обесхрабрени од овие и други неодговорни постапки на Русија ниту, пак, поради нив ќе се одвратат од трајната поддршка за Украина, чија безбедност придонесува и за нашата, во нејзиното легитимно право на самоодбрана од бруталната и неоправдана руска агресија“, се наведува во заклучокот на Советот.