Американските и француските војници, дел од борбената група на НАТО во Романија, изведоа воена вежба со цел тестирање на одбраната на источното крило на Алијансата.
Заедничките борбени вежби на полигонот Капу Миди на брегот на Црното Море вклучија околу 350 членови на мултинационални борбени групи кои вежбаат гаѓање со боева муниција од мобилниот ракетен систем HIMARS, произведен во САД.
Францускиот генерал Трикан де ла Гоут, кој ја предводи борбената група, во изјава за печатот рече дека целта на вежбата е „да се зајакне заедничката способност“ во рамките на мултинационалната група во случај таа да се соочи со „вистинско одбранбено сценарио“.
Како одговор на руската инвазија на Украина во февруари минатата година, НАТО го зголеми своето присуство на источното крило на Европа, вклучително и испраќање дополнителни мултинационални борбени групи до членките на алијансата Романија, Унгарија, Бугарија и Словачка.