Науката потврдува: Животот во природа може да го продолжи животот и да ја намали анксиозноста

Сите сме свесни дека поминувањето време во природа има корисен ефект врз нашето физичко здравје, но и врз нашата севкупна ментална и емоционална благосостојба. Свежиот воздух, природните звуци и смирувачките сцени со зеленило го смируваат нашиот ум, ја потхрануваат нашата душа и ни помагаат полесно да се справиме со секојдневниот стрес.

Настрана од бучавата, електронските уреди, сообраќајот и бурниот градски ритам, нашите тела и умови можат да се обноват, а истражувањата сугерираат дека природата може дури и да ни го продолжи животот. Како?

Според истражувањето објавено во престижното списание Environmental Health Perspectives , жените кои живееле во средини богати со вегетација имале значително помала стапка на смртност во споредба со оние кои поголемиот дел од своето време го поминувале во области со помалку зеленило. Оваа опсежна студија, спроведена во текот на осум години на примерок од 108.360 жени, донесе интересни и многу конкретни заклучоци.

Врската помеѓу средината во која живееме и ризикот од одредени болести беше најзабележлива кај респираторните заболувања и ракот. Жените кои живееле во природа со многу вегетација имале 34% помала стапка на смртност поврзана со респираторните патишта и 13% помала стапка поврзана со рак. Истражувачите заклучиле дека вегетацијата дава можности за физичка активност, ја намалува изложеноста на различни штетни влијанија и пред се го подобрува менталното здравје.

Луѓето кои живеат во природни и зелени површини имаат помала веројатност да бидат изложени на негативните влијанија на загадениот воздух, бучавата и стресното темпо на урбаните средини . Истражувачите, исто така, открија силна врска со менталното здравје што влијае на пониските нивоа на депресија, забележувајќи 30% пониски нивоа на депресија кај оние кои живееле во природа.

Студиите во минатото, исто така, докажаа врска помеѓу градскиот живот и менталното здравје, при што жителите на градовите имаат повисоки стапки на депресија и анксиозни нарушувања.  Ова го докажала студија објавена во списанието Nature , која покажала дека луѓето кои пораснале и живееле во градови имаат поактивна амигдала, област од мозокот која ги регулира емоциите како анксиозност и страв, а често се активира во стресни ситуации.

Затоа, ако веќе не живеете во природа, обидете се да поминувате што повеќе време во зелена околина. За да го постигнете ова, доволно е само да прошетате во паркот во близина на вашиот дом или да седнете на клупа за да го почувствувате благиот ветар или сончевата светлина. Не е неопходно целосно да го промените местото на живеење или начинот на живот, но и со мали чекори можно е да почувствувате позитивен напредок и поголема благосостојба.