Тим научници од Соединетите Американски Држави тврдат дека откриле нова боја која досега ниту едно човечко суштество не можело да ја види. Бојата го добила името „оло“, а откритието е резултат на експеримент за време на кој истражувачите насочувале ласерски импулси директно во очите на учесниците.
Стимулирајќи специфични клетки во мрежницата, учесниците, според нивните сопствени тврдења, виделе сино-зелена нијанса која не постои во природата. Сепак, некои експерти наведуваат дека постоењето на новата боја е „прашање за толкување“ и дека се уште е отворено за дебата.
Наодите беа објавени во престижното списание Science Advances, а коавторот на студијата, професорот Рен Нг од Универзитетот во Калифорнија, ги опиша како „извонредни“.
Професорот Нг, кој беше еден од петте учесници во експериментот, изјави за BBC Radio 4 дека бојата е „позаситена од која било боја што можеме да ја видиме во реалниот свет“.
„Замислете дека цел живот гледате само на една нијанса на розова боја – нежно, пастелно розево. А потоа еден ден доаѓа некој со маица во најинтензивната розова боја што сте ја виделе и ќе ви каже дека е нова боја и се вика црвена“, рече Нг, сликовито објаснувајќи го чувството.
Експериментот беше изведен со помош на уред наречен „Оло“, составен од огледала, ласери и оптички компоненти, кој претходно го развија истражувачи од УК Беркли и Универзитетот во Вашингтон. Ласерски зрак беше насочен во зеницата на едното око на секој од петте учесници – четворица мажи и една жена, сите со нормален вид.
Во центарот на истражувањето била мрежницата – слој ткиво чувствително на светлина во задниот дел на окото, одговорно за примање и обработка на визуелни информации. Внатре во мрежницата се наоѓаат конуси – клетки кои препознаваат бои и се поделени на три вида: S (чувствителни на сино), M (на зелено) и L (на црвено светло).
Во природната визија, кога М-конусот (за зелената боја) е стимулиран, блиските L и/или S клетки речиси секогаш се стимулираат, бидејќи нивната функција се преклопува. Меѓутоа, во овој експеримент, научниците успеале да стимулираат само М-клетки, што според тврдењата на студијата предизвикало сосема нова перцепција на бојата – онаа што не е возможна во природни услови.
Учесниците потоа се обиделе да ја усогласат нијансата што ја виделе со помош на контролирано тркало во боја – сите дошле до истата, дотогаш непозната нијанса.
Сепак, не сите експерти се убедени во откритието. Професорот Џон Барбур, очен научник од Универзитетот Сити Сент Џорџ во Лондон, кој не беше дел од истражувачкиот тим, рече дека тоа е „технолошки напредок“ во прецизното стимулирање на конусите, но дека откривањето на новата боја останува „прашање за дебата“.
Според неговото мислење, промените во перцепцијата на бојата може да се објаснат и со промените во чувствителноста на клетките, што не е невообичаено во други околности.
Сепак, професорот Нг и неговиот тим веруваат дека откритието може да отвори нови можности за разбирање на визијата на луѓето со слепило во боја – состојба која им отежнува на луѓето да разликуваат одредени бои. Како што велат тие, иако ОЛО е „технички исклучително тешко да се види“, ова може да помогне да се развијат нови пристапи за лекување на нарушувања на видот.