Американските научници открија дека одредени видови бактерии, вклучувајќи ја и ешерихија коли, се хранат со човечка крв, феномен што го нарекоа „бактериски вампиризам“.
Научниците истакнуваат дека нивните наоди би можеле да овозможат поефективен третман на пациенти со воспалителни болести на цревата, објави Мирор.
Американскиот тим, предводен од научници од Државниот универзитет во Вашингтон, откри дека бактериите се привлечени од течниот дел од крвта или серумот што содржи хранливи материи кои можат да ги користат како храна. Една од хемикалиите кон кои бактериите се особено привлечени е серинот, аминокиселина која се наоѓа во човечката крв, а исто така е честа состојка во протеинските пијалоци.
Резултатите од истражувањето, објавени во списанието „eLife“, даваат нови сознанија за тоа како се јавуваат инфекциите во крвотокот и како тие потенцијално би можеле да се лекуваат.
Авторот на студијата, професорот Арден Бејлинк од Државниот универзитет во Вашингтон, рече дека бактериите кои го инфицираат крвотокот можат да бидат смртоносни.
Студијата покажа дека најмалку три типа на бактерии – Salmonella enterica, Escherichia coli и Citrobacter koseri – се хранат со крвниот серум. Научниците известуваат дека овие бактерии се водечка причина за смрт кај пациенти со воспалителни болести на цревата.