Со новиот Закон за платежни услуги и платни системи се очекува да се јават нови даватели на платежни услуги со што ќе се зголеми конкурентноста на пазарот што пак ќе придонесе кон збогатување на услугите, дигитализација и намалување на надоместоците што им се наплатуваат на граѓаните.
Покрај банките, сега платежни услуги ќе може да даваат и штедилниците и специјализирани институции за платежни услуги кои ќе треба да добијат дозвола од Народната банка, а притоа да исполнат низа строги критериуми.
– Кај новите даватели на платежни услуги, на сличен начин како и кај банките, граѓаните и фирмите ќе може да отвораат платежни сметки преку кои ќе вршат плаќања за различни потреби користејќи електронско банкарство или иницирајќи ги во работните простории на давателите, да користат платежни картички, мобилни телефони и други паметни уреди за да иницираат плаќања на физичките места на продажба или преку интернет, како и да подигнуваат и внесуваат готови пари на своите платежни сметки користејќи банкомати или на шалтeрите кај даватeлите. Притоа, ако се има предвид искуството од земјите каде што ваквите институции се присутни, се очекува дека новите даватели на платежни услуги ќе понудат иновативни начини за полесно иницирање на плаќањата и нивно побрзо извршување, вели вицегувернерката на Народната банка Емилија Нацевска во интервју за МИА кое подолу е објавено во целост.
Таа нагласува дека парите на граѓаните и на компаниите кај овие даватели на услуги нема да се третираат како депозити, но ќе бидат заштитени така што ќе стојат на посебна сметка и во случај на стечај или ливидација нема да влезат во стечајната маса.
– Паричните средства на граѓаните и компаниите кај платежните институции и институциите за електронски пари се за целите на извршување платежни трансакции и не претставуваат депозити, како што е случајот со средствата коишто ги чуваат кај банките и штедилниците коишто, согласно законските прописи, подлежат на обесштетување од страна на Фондот за осигурување на депозити во случај на стечај или ликвидација на депозитната институција. Од овие причини, а заради нивна заштита, платежните институции и институциите за електронски пари согласно новата регулаторна рамка ќе бидат должни да го издвојат износот на паричните средства на платежните сметки кај нив коишто граѓаните и фирмите не ги искористиле за извршување плаќања, на посебни сметки и притоа не смеат да ги мешаат со сопствените средства коишто ги користат за нивното редовно работење, истакнува Нацевска.
Народната банка, како што нагласува, ќе врши теренски и вонтеренски надзор над работењето на новите даватели на платежни услуги со цел да ја следи нивната усогласеност со важечките прописи.
Интервјуто го објавуваме во целост:
Новиот Закон за платежни услуги и платни системи стапи на сила од јануари. Со него се отвора можноста за влез на нови играчи на пазарот на плаќања. Кои се новите видови на даватели на платежни услуги кои може да ги очекуваме и какви платежни услуги ќе нудат?
– Една од значајните придобивки којашто произлегува од овој закон е отворањето на пазарот за нови даватели на платежни услуги и проширувањето на сетот платежни услуги коишто ќе се нудат на пазарот. Па така, покрај банките, платежни услуги ќе може да даваат и штедилниците, а како нови играчи ќе се јават и специјализирани институции за давање платежни услуги и/или за издавање електронски пари со кои, исто така, би се извршувале плаќања. Новите институции, како и штедилниците, треба да добијат дозвола за давање платежни услуги и/или за издавање електронски пари од Народната банка, за што треба да исполнат соодветни услови коишто се јасно пропишани со Законот и подзаконските акти.
Кај новите даватели на платежни услуги, на сличен начин како и кај банките, граѓаните и фирмите ќе може да отвораат платежни сметки преку кои ќе вршат плаќања за различни потреби користејќи електронско банкарство или иницирајќи ги во работните простории на давателите, да користат платежни картички, мобилни телефони и други паметни уреди за да иницираат плаќања на физичките места на продажба или преку интернет, како и да подигнуваат и внесуваат готови пари на своите платежни сметки користејќи банкомати или на шалтeрите кај даватeлите. Притоа, ако се има предвид искуството од земјите каде што ваквите институции се присутни, се очекува дека новите даватели на платежни услуги ќе понудат иновативни начини за полесно иницирање на плаќањата и нивно побрзо извршување. Секако, дополнителна придобивка за граѓаните и фирмите ќе биде и можноста плаќањата да се извршат со користење електронски пари коишто ќе ги издаваат давателите на платежни услуги. Во едно вакво конкурентно окружување, за очекување е и постојните даватели на платежни услуги да понудат нови, иновативни платежни услуги и продукти за поефикасно и побрзо извршување на плаќањата од страна на граѓаните и фирмите.
Кога се очекува да почнат со работа овие нови даватели на услуги?
– Новата регулаторна рамка е во примена од почетокот на оваа година. Оттука, заинтересираните субјекти може да поднесуваат барања и соодветна документација за добивање дозвола за давање платежни услуги, односно за издавање електронски пари до Народната банка. Доколку барателите ги исполнат предвидените регулаторни услови, ќе може да започнат со давањето платежни услуги по добивањето на дозволата од Народната банка.
Која е гаранцијата дека новите даватели на услуги ќе работат согласно законот и што доколку некоја од нив пропадне. Дали средствата на граѓаните и на фирмите ќе бидат заштитени?
- Паричните средства на граѓаните и компаниите кај платежните институции и институциите за електронски пари се за целите на извршување платежни трансакции и не претставуваат депозити, како што е случајот со средствата коишто ги чуваат кај банките и штедилниците коишто, согласно законските прописи, подлежат на обесштетување од страна на Фондот за осигурување на депозити во случај на стечај или ликвидација на депозитната институција. Од овие причини, а заради нивна заштита, платежните институции и институциите за електронски пари согласно новата регулаторна рамка ќе бидат должни да го издвојат износот на паричните средства на платежните сметки кај нив коишто граѓаните и фирмите не ги искористиле за извршување плаќања, на посебни сметки и притоа не смеат да ги мешаат со сопствените средства коишто ги користат за нивното редовно работење. Притоа, давателите на платежни услуги се должни со соодветни докази и документи во законски пропишан рок да ја известат Народната банка при какви било промени во начинот на заштита на паричните средства примени за извршување платежни трансакции, односно користење електронски пари. Во случај на стечај или ликвидација на платежна институција или институција за електронски пари, така издвоените парични средства на граѓаните и фирмите на посебни сметки нема да влезат во стечајната маса на субјектот, односно ќе бидат заштитени и ставени на располагање на сопствениците. Народната банка ќе врши теренски и вонтеренски надзор над работењето на новите даватели на платежни услуги со цел да ја следи нивната усогласеност со важечките прописи.
Една од новините во законот е тоа што на граѓаните како можност им се нуди платежна сметка со основни функции. За каква сметка станува збор и по што се разликува таа од платежните сметки што сега ги користат граѓаните?
– Платежна сметка со основни функции, согласно Законот, ќе може да отвораат потрошувачите, односно граѓаните. Сметката со основни функции може да биде само во денари и, слично како и другите платежни сметки, може да ја користат за плаќања сметки за комунални и други услуги, јавни давачки, разни други плаќања и преноси на парични средства, внесување и повлекување готовина или за купување на физичките места на продажба или преку интернет со дебитни платежни картички. Разликата во однос на другите платежни сметки е што преку овие сметки граѓаните ќе може да извршуваат плаќања само во рамките на средствата со кои располагаат на сметката, односно нема да можат да користат договорно пречекорување и да навлегуваат во т.н. „минусно салдо“ за да вршат плаќања. Токму заради ваквото ограничување, банката или штедилницата за услугите со платежната сметка со основни функции може да пресмета и да наплати вкупен месечен надоместок само до разумна висина, којшто не смее да биде повисок од 0,1% од подвижниот просек на просечната месечна исплатена нето-плата во земјата за претходните 12 месеци. Во согласност со објавите од страна на Државниот завод за статистика, вака пресметаниот месечен надоместок тековно би изнесувал околу 31 денар. Овој надоместок вклучува месечно одржување на сметката, неограничен број платежни трансакции за внесување или повлекување готови пари непосредно на шалтерите во работните простории на давателот, или преку неговата мрежа на банкомати, неограничен број платежни трансакции со дебитни картички и извршување минимум пет платежни трансакции со кредитен трансфер, вклучувајќи и траен налог, или со директно задолжување со кои се пренесуваат парични средства на други платежни сметки на клиенти на истиот давател на платежни услуги. Притоа, важно е да се напомене дека за потрошувачите коишто ѝ припаѓаат на групата корисници на законски дефинирани права, како што се на пример издршка, парична помош од социјална заштита, привремена невработеност, додаток за дете, стипендија или слично, а што произлегува врз основа на закон, за користењето на наведените платежни услуги преку платежната сметка со основни функции, банката или штедилницата не е дозволено да пресметува и да наплатува надоместок.
Согласно наведеното, клучната разлика помеѓу постојните платежни сметки коишто ги имаат граѓаните кај банките во однос на платежната сметка со основни функции е во ограничувањето на надоместоците коишто ќе ги плаќаат граѓаните за користењето платежни услуги преку оваа сметка и можноста за лицата со законски права да ја користат без надомест.
Доколку некој сака да отвори ваква сметка, дали тоа значи дека ќе може паралелно да ги користи и сите досегашни сметки?
- Граѓаните кои сакаат да користат платежна сметка со основни функции ќе може да имаат само една платежна сметка во денари кај сите банки и штедилници. Оттука, доколку граѓаните тековно имаат повеќе платежни (трансакциски) сметки во денари, ќе треба да ги затворат, а ќе може една од нив да ја трансформираат во платежна сметка со основни функции. Доколку граѓаните сакаат да отворат платежна сметка со основни функции кај банка или штедилница кај која тековно немаат платежна (трансакциска) сметка, тогаш ќе треба да ги затворат сите платежни (трансакциски) сметки во денари кај другите банки и штедилници коишто ги отвориле во минатото. Од друга страна, кај истата банка или штедилница граѓаните ќе може да користат кредитна картичка за што ќе мора да склучат одделен договор, како и да имаат неограничен број платежни сметки во странска валута.
Како еден од важните сегменти во Законот се посочува заштитата на потрошувачите. Што е она што е поразлично во овој закон во однос на заштитата на потрошувачите?
– Новата регулаторна рамка сосема јасно ги уредува обврските на давателите на платежни услуги во сегментот на заштитата на правата на потрошувачите коишто произлегуваат од користењето на платежните услуги. За првпат во историјата на платежните услуги во нашата земја, со одредбите на новиот закон се воведува обврска за давателот на платежни услуги да ги уреди правата и обврските на потрошувачите со рамковен договор во стандардизирана форма, којшто треба да содржи задолжителен сет информации, како и можностите и условите под кои може да биде изменет или раскинат. Со овие одредби се постигнува поголема транспарентност на давателите на услугите и се обезбедува подобра информираност, правна сигурност и еднаков третман на потрошувачите кај давателите на платежните услуги.
Поконкретно, новата регулаторна рамка пропишува јасна обврска за давателот на платежни услуги да го информира потрошувачот за условите под кои може да ги користи неговите платежни услуги и да му даде информативен документ за надоместоците за најчесто користените, односно најрепрезентативните услуги поврзани со платежната сметка, уште пред да го склучи рамковниот договор, со што на транспарентен и унифициран начин се обезбедува соодветна информираност на потрошувачите при носењето на одлуките. Исто така, преку законската обврска на давателот за доставување извештај за надоместоците до потрошувачот, најмалку еднаш годишно, се зголемува и информираноста на потрошувачите за надоместоците коишто давателите на платежни услуги им ги наплатиле за користењето на платежната сметка, вклучувајќи ги и информациите за платените камати на паричните средства на платежната сметка, со што се обезбедува и нивна поголема заштита. Воедно, новата регулаторна рамка на недвосмислен начин ги прецизира не само содржината на овие документи, туку и формата, роковите и начинот на кој давателот на платежни услуги е должен да ги достави до потрошувачот.
Понатаму, заштитата на потрошувачите се отсликува и во прецизно дефинираните одговорности на давателите и на корисниците на платежни услуги во случај на неавторизирани платежни трансакции. Во одредбите на новиот закон, од аспект на одговорностите на давателите на платежните услуги е уредено дека во случај да извршил платежна трансакција којашто не ја авторизирал имателот на сметката, е должен да ја врати состојбата на сметката во истата состојба во којашто би била доколку не е извршена неавторизираната платежна трансакција и притоа датумот на одобрување не може да биде подоцна од датумот на кој сметката била задолжена за износот на трансакцијата. Во случај кога се извршени неавторизирани платежни трансакции поради тоа што имателот на сметката го изгубил или му е украден платниот инструмент (на пример, платежна картичка), законски се ограничува износот до кој може граѓанинот да ги преземе загубите и тој е утврден на најмногу 1.200 денари.
Одредбите на Законот, исто така, овозможуваат заштита на потрошувачите од високи надоместоци за водење сметка во случаи кога таа не се користи, со што се зголемува довербата за депонирање средства, што за првпат во таква смисла е уредено преку концептот на неактивна сметка. Притоа, Законот предвидува поголема заштита на средствата коишто граѓаните ги чуваат како на платежните сметки преку кои ги извршуваат плаќањата, така и на средствата коишто се орочени и ги чуваат на депозитните сметки. Имено, доколку граѓанинот не ја користел платежната сметка подолго од две години или не остварил комуникација со давателот на платежни услуги во врска со платежната сметка во тој период, таа ќе добие статус на неактивна платежна сметка. Имајќи предвид дека средствата на депозитните сметки се орочуваат на подолг период, активноста на депозитна сметка се следи во период од 10 години, по што доколку граѓанинот не остварил комуникација со давателот на платежни услуги во тој период, истата ќе добие статус на неактивна сметка. Во таков случај, се ограничува наплатата на надоместоци за одржувањето неактивни сметки од страна на давателите, а тие треба да продолжат со пресметување камата на позитивното салдо на паричните средства на неактивната сметка согласно склучениот договор со потрошувачот.
Дали со Законот се регулира висината на надоместоците кои давателите на платежни услуги ги наплатуваат од граѓаните и дали ќе бидат информирани колкави надоместоци им се наплатуваат за платежните услуги?
– Како што објаснив и за претходните прашања, висината на надоместоците се регулира кај користењето на платежната сметка со основни функции. Во однос на информирањето на граѓаните за висината на надоместоците, давателите на платежни услуги имаат обврска да им дадат на граѓаните информативен документ за надоместоците пред склучување рамковен договор и да им достават годишен извештај за наплатените надоместоци. Но, она што е посебно важно да се истакне како придобивка од овој закон во однос на надоместоците е обврската на давателите на платежните услуги на редовна основа да доставуваат податоци до Народната банка за висината на надоместоците за најрепрезентативните услуги поврзани со платежната сметка. За таа цел, Народната банка дефинира листа од 11 најрепрезентативни услуги поврзани со платежната сметка за кои редовно ќе прибира податоци за надоместоците од секој давател на платежни услуги и ќе ги објавува на својата интернет-страница во компаративен контекст. Предвидено е до крајот на септември оваа година да се објават првите податоци за надоместоците на интернет-страницата на Народната банка. На овој начин, граѓаните ќе имаат брза и лесно достапна информација за надоместоците кога одлучуваат кај кој давател да користат платежни услуги. Се очекува, преку зголемената транспарентност и олеснета споредливост на надоместоците, да се создадат услови за поголема конкурентност, а со тоа и поповолни цени за платежните услуги за граѓаните.
Отвореното банкарство е една од позначајните придобивки кои се очекува да се добијат со овој закон. Што подразбира концептот „отворено банкарство“ и од кога ќе биде во примена?
– Новата регулаторна рамка создава услови за примена на иновациите и подигнување на конкурентноста и ефикасноста во платежната сфера, меѓу другото и преку примена на концептот на т.н. „отворено банкарство“. Отвореното банкарство ќе го вклучи финтек-секторот во осмислувањето нови решенија коишто им помагаат на граѓаните и фирмите да ги извршуваат и да ги следат плаќањата полесно. Така, придобивките за клиентите од аспект на користењето на услугите за иницирање плаќања од платежните институции се брзо и сигурно купување производи и услуги преку интернет, со користење електронско или мобилно банкарство, без употреба на платежна картичка, каде што врз основа на согласност дадена од клиентот, платежната институција во име на клиентот иницира плаќање и врши пренос на паричните средства од платежната сметка на клиентот којашто се води во банката кон платежната сметка на трговецот кон кој се врши плаќањето. Платежните институции коишто ќе даваат услуги за информации за сметки ќе им нудат на своите клиенти можност на едно место да добијат информации за трансакциите и состојбите на платежните сметки (коишто се водат кај еден или повеќе даватели на платежни услуги на пазарот), со што на полесен и поедноставен начин, ќе може да ги следат состојбата и движењето на нивните платежни сметки и да управуваат со сопствените средства. Се планира концептот на отворено банкарство да почне да се применува најдоцна до првиот квартал 2024 година.
Согласно сето изнесено погоре, нашата улога како регулатор на овој пазар е да ја поттикнеме конкуренцијата којашто треба да придонесе кон збогатување на услугите, нивно засновање на дигитални решенија, при намалени надоместоци, а на тој начин да го поттикнеме и процесот на финансиско вклучување на граѓаните.