Националната мрежа на земјоделци бара интервентен откуп на пченицата. Претседателот на Националната мрежа на земјоделци, Ѓорѓи Каракашев вели дека треба да се земи во предвид законските одредби односно, Член 40 од Законот за земјоделие и рурален развој, а во кој какошто вели децидно се уредува условите под кои државата врши интервентен откуп по која методологија динамика и цени.
-Во Член 40, односно овде јасно се посочува дека доколку пазарната цена на житариците е под производната цена тогаш државата по закон врши интервентен откуп со цел заштита на цените континуитет во производството како и економска одржливост житариците како стратешка култура за државата. Притоа интервентната откупна цена мора да е над производната цена зголемена за 25%. Овде законот е јасен и недвосмислен и секој обид да се релативизира состојбата со некои скромни средства под име субвенции и со цени далеку под производните е ништо друго освен обичен и вулгарен грабеж и уништување на индивидуалното земјоделско производство во државата, вели Каракашев.
Забележува дека производната цена на житните култури е повисока од откупната. Производната цена на лебното зрно е 19 денари, а откупната се движи од 9 до 10 денари. Претседателот на Националната мрежа на земјоделци, Каркашев тврди дека во моментов е стопиран откупот на јачменот. Посочува дека интервентниот откуп е со цел заштита на цените, континуитет во производството, како и економска одржливост житариците како стратешка култура за државата. Смета дека годинава ќе биде тешка за производителите на житните култури во делот на откупната цена, дождовите ги преполовија приносите,а дополнително имаа и скапа сеидба и жетва. Забележува дека државата треба да ги заштити земјоделците, какошто во моментов тоа го прави Турција. Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство најави нов пакет мерки кои го опфаќаат производството на жито. Преку Интервентниот фонд оваа година приоритет ќе се даде за поддршка за пченицата. Предложени се дополнителни три денари за предаден килограм пченица кај регистрирани откупувачи во Република Северна Македонија.