Националниот парк ,,Маврово” во ново руво: Нови проекти за заштита на биолошката разновидност

– Националниот парк Маврово има многу добра соработка со организацијата „Глобална конзервација“ и оваа соработка ќе продолжи и во текот на 2025 година. Ова, меѓу другото, беше истакнато при посетата на Маврово на директорот на Организацијата за регионот Евроазија, Мустафа Гонен во седиштето на Националниот парк Маврова. На средбата со раководството на паркот со која претседава директорот Харис Ибраими, беше истакнато дека предметната организација ќе го поддржи паркот Мавровo со бројни проекти во сферата на заштитата на биолошката разновидност, но и во други сфери поврзани со развојот на паркот, во сферата на туризмот, локалниот економски развој и прекуграничната соработка.

Директорот на Националниот парк Мавровo Харис Ибраими, информираше дека средбата со директорот на предметната организација се одвивала во духот на силна поддршка за реализација на многу проекти во интерес на паркот, но и на населението кое живее во територијата на паркот, а тоа е општина Маврово и Ростуша. Тој исто така нагласи дека проектите за заштита на биолошката разновидност имаат примарно значење, бидејќи паркот има многу богат биодиверзитет. Исто така, според него, во интерес на паркот се и проекти од областа на развојот на туризмот, менаџментот, локалниот економски развој и прекуграничната соработка. Гостинот од светски реномираната организација „Глобал конзервација“ истакна дека Националниот парк Маврово има голем потенцијал и тој треба да се искористи во областа на туризмот.

Во рамките на активностите на овој парк, кој има многу плодна соработка со Националниот парк Шар Планина, деновиве се одржа консултативна средба на раководството на паркот со локалните жители. На оваа средба заинтересираните жители, претставници на граѓански здруженија и локална самоуправа и бизнис, имаа можност да се запознаат со новата Студија за валоризација на заштитената територија на овој национален парк. Дополнително, во присуство на претставници на инспекторатот се слушна гласот на жителите и локалните бизниси како да се користи територијата на паркот, но без да се наштети на флората и фауната.

Националниот парк во последните месеци воспостави строги правила за движење на територијата на паркот, а презеде многу активности поврзани со заштита на територијата на паркот од пожари, но и од загадување.