Националниот тим во Прага: Во фокус дуелот со Саудиска Арабија на 4 септември

Македонската А репрезентација пристигна во Прага каде на 4 септември ќе одигра контролен натпревар против Саудиска Арабија во рамки на официјалниот ФИФА термин. Средбата ќе се одигра на стадионот „Викторија“ со почеток во 17:00 часот.

Ова ќе биде трет меѓусебен дуел меѓу двете селекции. Првиот натпревар се одигра во Ријад во 2001 година и заврши нерешено (1:1), додека вториот, во октомври 2022 година во Абу Даби, ѝ припадна на Саудиска Арабија со минимални 1:0.

Контролниот меч во Прага ќе биде важен тест за избраниците на селекторот Благоја Милевски, кој ќе има можност да ја провери формата на репрезентативците и да ги испроба своите тактички идеи пред продолжението на квалификациите за Светското првенство 2026.

Веќе на 7 септември, Македонија ќе го одигра и официјалниот квалификациски натпревар против Лихтенштајн на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.